Доживување за паметење

9

По повеќе од два месеци од нашето дружење за време на Младинската размена „The best birthday party“ во Нови Пудлов, Полска (02-11.02.2018), преку приказна и текст би сакале да ги споделиме впечатоците од ова незаборавно искуство кои сеуште траат и се извор на неверојатно позитивна енергија. Иако размената заврши, проектот сеуште е активен со дополнителни активности, а преку групата на социјалните мрежи сите учесници самоиницијативно продолжија да комуницираат и да си разменуваат слики и приказни од нивниот живот, зацврстувајќи ги нивните пријателства.

Оваа размена беше иницирана и организирана од нашата партнер организација од Полска „Tu Brzoza” со цел да се им се овозможи на младите да се оттргнат од нивното секојдневие и да патуваат во друга држава каде излегоа од рамките на различните социјални групи на кои припаѓаат и ја добија можноста да спознаат нови култури. Со ова тие станаа поотворени кон нови искуства, а разликите меѓунив оформија нови пријателства. Во размената земаа учество лица од 15 до 20 годишна возраст од четири различни земји: Македонија, Полска, Турција и Италија; со вкупно десет учесници (вклучувајќи ги и лидерите) од секоја од земјите. Со работење во интеркултурни групни проекти како и преку меѓусебно запознавање и делење искуства, меѓујазичните бариери беа скршени преку користњето на англискиот јазик во текот на размената. Преку ова тие ја подобрија нивната комуникација на англиски јазик, но научија и секојдневно употребувани зборови на јазиците кои се зборуваат во наведените земји.

Учесниците беа сместени на фарма во Полска каде заедно живееја, ги подготвуваа и учествуваа во сите активности кои беа предвидени според програмата на размената. За време на размената тие ги проширија своите знаења за различните традиции кои се типични за една роденденска забава во земјите учеснички. Сепак и покрај разликите во традициите, учесниците заклучија дека најдобрата роденденска забава значи време поминато со пријателите и семејството преку танцување и пеење на омилени песни, дополнето со вкусни закуски, а и по некој подарок. Ова ги поттикна да научат традицинонални „танци во круг“, да зготват национални специјалитети како и рачно да изработат роденденски подароци.

За да ги дополнат и прошираат своите знаења, направија и анкета со прашања кои самите ги составија, и ја спроведоа истата на улиците на Луџ (Łódź)  каде зборуваа со разни минувачи и ги прашуваа за нивните роденденски искуства и традиции.

Учесниците, исто така, дискутираа за едни од најважните социјални проблеми – човекови права и абортус. Притоа тие имаа можност да го споделат своето мислење и да дадат аргументи за нивните верувања. Иако беа поттикнати различни размислувања, тие ги прифатија разликите без да склонат кон осудување.

Младите имаа можност да ја претстават земјата од која доаѓаат пред месната заедница на Нови Пудлов (Nowy Pudłów), за што тие заедно подготвија презентации, а и разни специјалитети кои се типични и познати во нивната земја.

Тие го посетија и основното училиште во Подебице (Poddębice) каде работеа во работилница заедно со ученици од училиштето. Изработија роденденски честитки и научија како да направат ебру слики (ebru art). Покрај ова тие се забавуваа низ игра и песна, учејќи како да креираат битбокс (beatbox) музика.

Во текот на последните денови од размената, тие научија уште повеќе за проектите во рамки на програмата Erasmus+ и го пополнија својот Youthpass сертификат, кој е доказ за нивните знаења и придобивки, како и нивните достигнувања и способности од оваа размена.

Иако учесниците се соочија со нови искуства и проблеми, тие се здобија со можноста да запознаат нови култури, а и да водат интеркултурни дијалози, да формираат пријателства преку игри и тимска работа, како и да се научат себе сѝ на толеранција и меѓусебно прифаќање. Учеството на оваа размена ги направи посилни и ги подобри нивните достигнувања во разни сфери меѓу кои: тимска работа, изработка на презентации и спроведување анкети, социјализација и подобрување на комуникацијата на англиски јазик.

Ги покануваме сите заинтересирани идни учесници да нѐ следат на нашата фејсбук страница и да очекуваат нови размени, тренинзи и интернационални проекти. Програмата Еразмус+ нуди огромни можности за сите, и веруваме дека многу млади луѓе ќе се развијат лично и професионално учествувајќи на некој таков проект.

Видео: "The Best Birthday Party"

Funded by Erasmus+