Инспирацијата да го напишеме овој текст произлезе од мотивациската книга “The Seven Habits of Highly Effective People” на особено влијателниот менаџмент мотиватор Dr. Stephen Covey. Навиките кои тој ги објаснува станаа основа за личен развој, не само во професионалното работење, туку и во секојдневниот живот. Тие во суштина се многу лесни за да се разберат, но многу тешко се применуваат во пракса.
Подолу следи нивното кратко објаснување.
Навика бр. 1 – be proactive®
Бидете проактивни. Контролирајте ја околината повеќе отколку таа што ве контролира вас. Бидете способни да одредите, изберете и одлучите врз основа на стимулансите, условите и околностите. Вие сте тие кои донесуваат одлуки и избираат што сакаат. Не обвинувајте никој друг, преземете ја одговорноста за себе. Зборови кои се карактеристични за проактивните луѓе: “јас можам, јас сакам, јас ќе…” за разлика од реактивните за кои е карактеристично: “јас не можам, јас морам, само ако…”.
Навика бр. 2 – begin with the end in mind®
Започнете мислејќи на исполнување на тоа што сте го замислиле. Бидете лидер на самите себе си водејќи се кон исполнување на своите цели. Преку развивање на навика да се концентрирате на важните активности ќе се научите да ги избегнувате оние кои ви го одвлекуваат вниманието и на тој начин ќе станете попродуктивни и поуспешни. Размислете во себе, дали денес сте она што сте сакале да бидете? Дали сте го постигнале тоа што сте сакале многу одамна, или сте постигнале некаков успех кој е далеку од првичната замисла?
Навика бр. 3 – put first things first®
Ставете ги први најважните работи. Организирајте и имплементирајте ги активностите во согласност со поставените цели во втората навика која претставува т.н. ментална креација, додека третата навика претставува физичка креација. Третата навика всушност претставува спој на првата и втората, и истата се случува секојдневно, постојано, водејќи се од принципите за управување со времето.
Навика бр. 4 – think win-win®
Размислувајте win-win. Често пати сме навикнати да размислуваме за успехот во насока – “ако јас добијам ти ќе изгубиш…или обратно”. Сепак, постигнувањето на успех во голема мера зависи од меѓусебната соработка со другите луѓе. Според авторот, ваквиот начин на размислување произлегува од претпоставката дека win-win концептот се базира на соработка, каде има за секого по нешто. “Питата е голема” и многу е подобро ако истата се сподели. Успехот следи на соработката, а не од концептот на спротивставеност и конкурентност т.е. win-lose.
Навика бр. 5 – seek first to understand and then to be understood®
Обидете се прво да разберете, а потоа да бидете разбрани. Ова е особено моќна алатка која се однесува на комуникацијата. Таа е најважната способност која еден човек треба да ја поседува и претставува основа за развивање и одржување на позитивни односи во сите аспекти од животот. Секоја личност најпрво треба да се научи ефективно да ги слуша другите, но за да ги разбере, а не за да даде одговор.
Навика бр. 6 – synergize®
Соработувајте. “Две глави размислуваат подобро од една”. Целината е поголема од збирот на нејзините делови. Оваа навика јасно го потврдува значењето на придонесот на другите. Тимската работа, отворениот ум и желбата да се најдат нови решенија за старите проблеми се дел од оваа навика која има за цел да ги собере сите лични искуства и експертски знаења на едно место, што ќе резултира во извонредно подобри резултати, отколку ако се делува индивидуално.
Навика бр. 7 – sharpen the saw®
Оваа навика ги обединува сите останати и овозможува и охрабрува тие да се случат и развиваат. Таа се состои од четири дела: духовен, ментален, физички и социјален/емотивен дел, при што секој од нив треба да се храни и развива. Оваа навика ве одржува свежи за да бидете во можност да ги примените останатите шест.
Седумте навики на Dr. Covey се збир на едноставни правила за животот, кои се меѓусебно поврзани и надополнети, а примената на секоја поединечно има огромна моќ да предизвика промена кај луѓето. Сепак, ова е само еден краток опис. За целосно да ја доловите мислата и идејата на Dr. Covey прочитајте ја неговата книга.
Забелешка: Секоја навика која е цитирана во текстот погоре е регистрирана трговска марка на Dr. Stephen Covey и претставува негова интелектуална сопственост.
Референца: https://www.stephencovey.com/
